Минерали од Македонија на компакт диск |
||||||||||||||||||||||||
![]() |
Што е минерал? Минерал е проста супстанца (елемент) или соединение кое се среќава во природата.
Ваквата дефиниција имплицира постоење на минерали во гасовита, течна или цврста состојба, меѓутоа, поимот минерал е резервиран за цврстите супстанци. Бројот на досега познатите минерали изнесува приближно 4500. Додека, бројот на минерали во Македонија не е точно познат, а постојат претпоставки дека се застапени околу 200 видови како макроскопски минерали и уште околу 200 како микроскопски појави. Со ваквиот број на минерални видови Македонија за разлика од Словенија и Хрватска се квалификува како една од Балканските земји кои се релативно богати со минерали.
Како што веќе рековме Македонија е богата со минерали, често пати доколку сакате да дознаете нешто повеќе за минералите од Македонија, потребно е да го посетите Природнонаучниот музеј на Македонија кој на голем дел од граѓаните на Скопје им е на неколку автобуски станици од дома. Затоа водени од идејата за поголема достапност на минералното богатство на Македонија во последниве години се прават големи напори за негова што е можно поширока презентација во најпрво македонската, но и светската јавност. Во таа насока овде би сакале да ве запознаеме со овој прекрасен обид за дигитализирање на дел од нам достапното македонско минерално богатство. Имено неодамна во промет е пуштен компакт дискот Минерали од Македонија од авторите Гуте Младеновски и Методија Најдоски во издание на Природонаучниот музеј на Македонија. Неговите корици се прикажани на сликите подолу.
Содржината на компакт дискот е поделена според наоѓалиштата на минералите. До информациите и сликите на минералите се стигнува од главна страна која претставува карта на Македонија на која со син текст се обележани наоѓалиштата. Со одбирање на линкот за соодветното наоѓалиште најпрво се влегува на страница со краток текст за соодветното наоѓалиште, а од тука се продолжува во галеријата на фотографии на минералите од тоа наоѓалиште. Лупата којашто се наоѓа на оваа страна овозможува прикажување на поголема слика на минералот која е графички збогатена со светлосни ефекти кои во комбинација со прекрасно избраната музика овој компакт диск го претвораат не само своевидна електронска сликовница на минерали, туку ВИСТИНСКО МУЛТИМАДИЈАЛНО ЗАДОВОЛСТВО. Во овој компакт диск се претставени следниве наоѓалишта: Саса, Злетово, Бучим, Дамјан, Алшар, Сивец, Дебар, Алинци, Селечка планина, и на една страна именувана како останати локалитети: Кошино, Битола, Стрмош, Пчиња, Будинарци, Тетово, Чешиново и Нежилово. Вкупниот број на прикажаните минерални примероци на компакт дискот изнесува 150. Оние кои би сакале да го поседуваат овој компакт диск можат да го купат за популарна цена од само 150 денари во книжарницата на Природно-математичкиот факултет или во Природонаучниот музај на Македонија. Природонаучниот музеј со издавањето на овој компатк диск (на македонски и англиски јазик) направил вистински чекор кон доближување на македонското минерално богатство кон домашната и светска јавност, а Hemija.net ја има таа чест најтопло да ви го препорача ова издание. |
|
[Главна стана]
[Стари статии]
[Периоден систем]
[Линкови]
[Нобеловци]
[Форум]
[Хумор]
[E-mail]
© Hemija.net, Скопје, Македонија. Контакт: kontakt@hemija.net